Унгарија сака да ги интернира бегалците
7 март 2017Во Унгарија во иднина сите баратели на азил треба да бидат сместени во „транзитни зони“. Унгарскиот парламентденеска изгласа повторно воведување на систематскиот притвор на мигранти кои ќе влезат во Унгарија, мерка која во 2013 година Будимпешта ја укина под притисок на ЕУ и Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР). Новиот закон во парламентот во Будимпешта е усвоен со 138 гласа за, 6 против и 22 воздржани.
Според законот, мигрантите до конечната одлука за нивното барање за азил ќе бидат задржани во „транзитни зони“ на границите со Србија и со Хрватска.
Оваа мерка ќе се однесува на новодојдените и на барателите на азил кои веќе се во Унгарија, а чиј број според податоците од февруари изнесува 586.
Миграцијата е „тројански коњ“ на тероризмот
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, уште во јануари најави дека повторно ќе воведе мерка на притворање на мигрантите.
Тој денеска пак порача дека миграцијата е „тројански коњ“ на тероризмот, а моменталното затишје во приливот на мигранти е само привремено.
„Миграцијата е тројански коњ на тероризмот. Луѓето кои доаѓаат кај нас не сакаат да живеат во согласност со нашите култура и обичаи, туку според своите- но затоа пак со европски стандард на живот“, рече Орбан на церемонијата на полагање заклетва на 462 нови граничари, кои владата ги нарекува „погранични ловци“.
Орбан нареди да се зајакне оградата на јужните граници на Унгарија за да се запрат мигрантите, поголемиот број муслимани, за кои се смета дека претставуваат закана за христијанскиот идентитет на Европа и нејзината култура.
Орбан рече дека проблемот со мигрантите ќе продолжи да постои сѐ додека не се решат проблемите во нивните татковини и не се препознаат потенцијалните ризици, и додаде оти притисокот врз Унгарија ќе биде продолжен бидејќи милиони луѓе планираат да дојдат во Европа во потрага за подобар живот.
„Во овој момент сѐ уште сме под опсада. Приливот на мигранти е само забавен, но не е завршен. Имаме време да ги засилиме своите линии на одбрана“, рече Орбан.