Хрватска попушти во трговскиот спор на Балканот
10 август 2017Министерството за земјоделство на Хрватска денеска го измени Правилникот за инспекциски надзор и контрола за усогласување на овошјето и зеленчукот со пазарните стандарди, со што надоместокот за фитосанитарна контрола на увоз на оваа стока е вратена на поранешниот износ од 90 куни, односно 12 евра.
Неодамна со изменетиот Правилник тој надоместок беше зголемен за 22 пати, на 2.000 куни, односно на 270 евра, што предизвика незадоволство кај земјите во регионот, кои во Хрватска извезуваат големи количества овошје и зеленчук.
Надлежните министри од Србија, Македонија, БиХ и Црна Гора по заедничкиот состанок во Сараево во понеделникот апелираа до Хрватска да ја промени одлуката, но и упатија и писмо до Европската комисија со барање да оцени дали Хрватска го прекршува Договорот за стабилизација и асоцијација, кои овие земји-кандидатки го имаат потпишано со ЕУ.
Оваа такса се плаќа за секој одделен вид на овошје и зеленчук во рамки на една контрола која ја спроведуваат земјоделската и фитосанитарната инспекција, а новиот Правилник ќе биде објавен утре.
Во соопштението на хрватското Министерството за земјоделство се наведува оти со соседните земји е договорено од утре да нема трговски блокади на границите.
Исто така, во соработка со соседните држави министерството за земјоделство на Хрватска ќе ги анализира цените за надоместок на инспекциски надзор во регионот за да се осигура заштита на потрошувачите и конкурентната положба на земјоделците на начин кој нема да ја попречува трговската размена.