ЕУ сака да посредува во трговскиот спор
9 август 2017Портпаролот на Европската комисија потврди дека уште не пристигнало писмото кое во Брисел го упатија надлежните министри од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија во кое се жалат на постапките на членката на ЕУ, Хрватска. Министерот за трговија на Србија, Расим Љајиќ и неговите колеги во писмото ја повикуваат Еврокомисијата да го оцени судирот меѓу Хрватска и нејзините соседи. Но и без тој писмен повик во Комисијата се работи на проценка на ситуацијата, изјави портпаролот. „Ја согледуваме ситуацијата и бараме од сите страни воздржаност, за да се избегне ескалација и да се дојде до слога во договорите, кои би требало да се спроведуваат со добри намери“, изјави Карлос Мартин Руиз де Гордехеља.
Потреба или претерување?
Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија - сите земји кои сакаат да ѝ пристапат на Европската унија, ги обвинуваат хрватските служби дека во голема мерка го отежнуваат увозот на земјоделски производи. Хрватска од минатата недела драстично ги зголеми таксите за фитосанитарна инспекција на увозното овошје и зеленчук на своите државни граници, од 12 на околу 270 евра по камион. Србија ја обвинува Хрватска дека на тој начин органски одгледуваното овошје и зеленчук може да биде задржано на границата и по 30 дена. Тоа се протекционистички мерки, за домашниот пазар да се заштити од поволниот увоз - гласи обвинувањето на министерот Љајиќ.
Хрватска ги отфрла обвинувањата и истакнувадека мора да го проверува квалитетот на стоката во согласност на насоките за заштита на потрошувачите. Хрватска тврди и дека новите правила важат за сите држави кои не се членки на ЕУ. Србија и другите три земји од Балканот се закануваат со контрамерки.
Се бара толкување на Договорот за стабилизација и асоцијација
Европската унија и Брисел би можеле да бидат судии во тој спор со оглед на тоа дека членките на ЕУ- што значи и Хрватска - се поврзани со државите од Балканот со таканаречениот Договор за стабилизација и асоцијација (ДСА). Договорот со Србија како кандидатка за членство, меѓу останатото предвидува и слободен промет на стока меѓу ЕУ и Србија. Царини во принцип веќе не можат да бидат одредувани, а и таксите и другите вонтарифни пречки во слободата на трговијата би морале да бидат ограничени на минимум - сето во духот на Договорот.
Хрватска така кон соседните земји применува исти правила како и кон која било друга држава во светот. Тоа противречи на одредбите на ДСА, која кандидатите за членство ги става во повластен статус. Но и Хрватска може да се повика на истиот договор, бидејќи тој во определени ситуациии дозволува интервенција ако пазарот за одредени производи е во голема мерка вознемирен или пак се спроведува дампинг.
ЕУ сака да посредува
Според одредбите на Договорот за асоцијација, Србија може да се жали на Комисијата на Советот за асоцијација во кој свои претставници имаат Европската комисија, Советот на министри (на членките) на ЕУ и Србија. Тој Совет може да донесе и обврзувачки одлуки бидејќи се состои од претставници на сите 28 членки на ЕУ и на Србија.
Но пред да дојде до тоа, Европската комисија сака да посредува во духот на слободната трговија, ветуваат европски дипломати во Брисел. Можна е, имено, и постапка пред судот на Светската трговска организација бидејќи погодените земји - со исклучок на Србија и на Босна и Херцеговина - се членки на таа организација.
Проверувањето на тоа кој е за што надлежен и каква е ситуацијата на теренот би можело да трае со недели, а дотогаш за овошјето и зеленчукот кои на големи горештини стојат во камионите веројатно би било предоцна. „Штотуку проверуваме дали хрватските мерки се вклопуваат во обврските предвидени со ДСА“, велат во Европската комисија. А кога таа ќе формулира конкретно мислење - тоа не можеа да кажат.