Орбан: Груевски е пријател и сојузник
23 ноември 2018Без поранешниот македонски премиер ќе беше многу потешко да се одбранат унгарските граници, да се изгради ограда. Тој побара помош и ние му помогнавме, рече Орбан во интервјуто.
Според него, иако Унгарија имала слични искуства со примање на важни личности, сепак никој не бил на нивото на Груевски.
Орбан тврди дека неговата влада не се мешала во процедурата за одлучување по азилот на Груевски, туку тоа го сториле надлежните органи во земјата. Во интервјуто, Орбан сепак не објасни зошто унгарски дипломати го придружувале Груевски уште од Албанија, па се до унгарската граница.
Тој ги обвини Џорџ Сорос и неговите организации дека стојат зад прогонот на Груевски, но одби да ги коментира постапките кои против поранешниот македонски премиер се водат во Македонија. Против Груевски се врши прогон поради тоа што изгради ограда на границите, смета унгарскиот премиер.
Орбан рече дека унгарските власти ќе го разгледаат барањето за екстрадиција на македонските власти. Секако „ќе ја гарантираме безбедноста на луѓето кои добиле бегалски статус“.
Никола Груевски, експресно, по само една недела откако избега во Унгарија доби статус на бегалец. Македонските власти бараат тој да биде екстрадиран назад во земјата каде треба да се јави на издржување двегодишна затворска казна и да одговара во уште четири други процеси кои се водат против него.
Вчера, Специјалното јавно обвинителство поднесе уште две обвиненија против Груевски кои се однесуваат на незаконско финансирање на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, како и за изградбата на партиското седиште во Скопје.