1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година по убиствата во Ханау: Тага и бес

Лиза Хенел
19 февруари 2021

Пред една година десен екстремист уби девет луѓе со мигрантско потекло во Ханау. Роднините на убиените се' уште се мачат со неразјаснети прашања. Дали Германија презема доволно мерки против расизмот?

https://p.dw.com/p/3pbBR
Deutschland | Hanau | Initiative 19. Februar
Четин Ѓултекин со цртеж на кој е прикажан неговиот убиен брат ЃокханФотографија: Lisa Hänel/DW

Четин Ѓултекин точно знае кое е местото каде што е убиен неговиот брат. Рутинирано оди во кривина, објаснува како атентаторот се симнал од својот автомобил, убил човек кој си бил во свој автомобил, а потоа со неколку чекори стигнал до киоскот, каде ги убил Ѓокхан Ѓултекин и четири други лица. Една година по убиствата поранешниот киоск е празен, а на стаклата се залепени листови со имиња на убиените. Четин Ѓултекин низ прозорците од киоскот покажува на одредено место: „Таму, каде што се двата штекера, лежеше брат ми.“ Реченица која звучи грубо, изречена од човек кој всушност делува нежно.

Пред една година, на 19 февруари 2020 година, Германија беше потресена од најтешкиот десноекстремен расистички мотивиран напад по крајот на Втората светска војна. 43-годишен психички болен атентатор на повеќе локации во малото гратче Ханау уби девет луѓе со мигрантско потекло. Потоа, како што се претпоставува, ја убил и мајка си и себеси.

Сочувството по убиствата беше големо. Сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларката Ангела Меркел присуствуваа на комеморацијата. Една година потоа, меѓутоа, остануваат прашањата: Дали во Германија опасноста од десно е со децении потценувана и дали оттогаш е направено доволно против десниот екстремизам и расизмот?

Повеќе:

Жртвите во Ханау не беа туѓинци!

Германија и Ханау се простуваат од жртвите на расистичкиот напад

Десничарски терор: Отров во сопствената земја

Ханау: Заедништвото е најсилно средство против омразата

Расчистување и обработување

Ако се прашаат деветте семејства на жртвите во Ханау, одговорот сосема јасно гласи „Не“! Тие, заедно со други поддржувачи, се собраа околу „Иницијатива 19. февруари“ и гласно бараат расчистување на случајот. Отворија канцеларија недалеку од едно од местата каде што се случија убиствата во Ханау.

Притоа, просториите се многу повеќе од канцеларија. Тие личат на место на сеќавање на убиените. Фотографии и цртежи на нивните лица висат на ѕидовите и на прозорците. Расчистување и обработка - двете работи овде си имаат свое место. „Оваа просторија за мене е како да сме дошле во посета на Ѓокхан. Тоа е негова дневна соба. А, кога ќе дојде фамилијата Унвар, тогаш е тоа дневна соба од Ферхат“, вели Четин Ѓултекин, кој во канцеларијата на иницијативата доаѓа речиси секојдневно. Ферхат Унвар исто така загина во киоскот во којшто беше убиен Ѓокхан Ѓултекин.

Deutschland | Hanau | Initiative 19. Februar
Во „Иницијатива 19. февруари“ се закачени фотографии на сите жртви од ХанауФотографија: Lisa Hänel/DW

Има работи кои се' уште не се расчистени и тоа ги мачи роднините: Зошто не функционирал како што треба бројот за ургентни ситуации таа ноќ? Зошто атентаторот смеел легално да поседува оружје? Зошто институциите не се алармирале во врска со него, иако тој со месеци пред расистичкиот напад до државното обвинителство упатил писмо полно со митови и теории на заговор?

Веројатно нема да се најде одговор на сите прашања. Меѓу другото, и заради тоа што атентаторот се уби самиот и поради тоа најверојатно и нема да има процес. Обвинителството додуша се' уште води истрага, но досега ништо не укажува на тоа дека извршителот имал соучесници. „Се разбира, многу, многу е тешко да се поднесе фактот дека извршителот нема да ја добие заслужената казна и што не може да се одговори уште некое прашање“, вели Хелмут Финфзин, ополномоштеник за жртвите на владата на покраината Хесен.

Низа напади

Некои од прашањата на роднините на убиените излегуваат од границите на малото хесенско гратче. Ханау е дел од низата места каде се извршени десноекстремни напади. Во јуни 2019 година десен екстремист го уби локалниот политичар Валтер Либке, во јануари 2021 година извршителот е осуден на доживотен затвор. Во октомври 2019 година десен екстремист во Хале ан дер Залесе обиде да влезе во синагога. Откако тоа не му успеа, уби две лица во близина на синагогата. И тој е осуден на доживотен затвор. Четири месеци по Хале следуваше Ханау.

#DE_facto:Парични и затворски казни за расизам на трибините

Андреас Цик, раководител на Институтот за истражување конфликти и насилство (ИКГ) на Универзитетот Билефелд, оценува дека овие напади во Германија ги променија работите: „Се создаде атмосфера во која сега сериозно се сфаќа предизвикот да се соочиме со расизмот и други форми на непријателство во Германија.“

Една од работите со кои се поткрепува ваквото тврдење е пакетот од 89 мерки на сојузната влада во борбата против десен екстремизам и расизам. Дел од тој пакет се заострени закони, зајакнување на безбедносните служби, повеќе средства за организации на цивилното општество и повеќе превентивна работа. „Политиката ја постави темата на највисоко политичко ниво со тоа што е основана владина комисија против десен екстремизам и расизам. Тоа покажува колку ни е важно да дејствуваме решително“, вели за ДВ Анете Видман-Мауц, ополномоштеничка на германската влада за миграција, бегалци и интеграција.

Зајакнат десен екстремизам

Сепак, вели социјалниот психолог Цик, Германија со децении го потценуваше десниот екстремизам: „Десниот екстремизам стана силен, се поврза во мрежа.“

Според проценките на експертите, во Германија има околу 15.000 десни екстремистиподготвени на насилство. Дел од нив легално поседуваат оружје. До крајот на декември 2020 година безбедносните служби регистрирале околу 1200 познати или осомничени десни екстремисти кои легално поседуваат оружје, што е зголемување за 35% во споредба со крајот на 2019 година. Ова произлегува од одговорот на владата на прашање на пратеничката група на Левица во Бундестагот.

„Штом ќе ви ја видат бојата на кожата...“

Освен тоа, по атентатот во Хале, во Германија на површина исплива и нов тип на извршител, каков што имаше и во Ханау - човек што дејствува сам, изолиран, радикализиран на интернет, заплеткан во сопствениот свет на митови на заговор. Безбедносните власти се' уште немаат технички средства и знаење за на мрежата да препознаат нови потенцијални напаѓачи. Тоа се покажа, на пример, во текот на процесот против атентаторот од Хале.

Четин Ѓултекин мора да живее натаму со загубата која му ја нанесе атентаторот од Ханау. Една година по убиствата тој се' уште се бори со последиците - не може веќе да работи, не може да спие како што треба, пуши по две кутии цигари дневно. „Ѓокхан беше фундаментот на нашата фамилија“, вели Ѓултекин. „А, откако го нема фундаментот, ние сме во постојано нишање.“