Ахенска Карлова награда: Кој е Пинкас Голдшмит?
9 мај 2024Карловата награда се смета за една од најпрестижните во Европа. Секоја година во германскиот град Ахен се доделува на поединци или институции кои дале исклучителен придонес во обединувањето на Европа. Од 1950 година ја добиле татковците-основачи на заедничка Европа, но и кралеви и премиери, претседатели и папи, опозицијата во Белорусија и украинскиот народ. А овој 9 мај, за првпат наградата ќе ја добие еден рабин.
Пинкас Голдшмит е речиси 13 години претседател на Конференцијата на европските рабини, која собира околу 800 православни еврејски научници. 60-годишникот е веројатно најистакнатиот рабин во Европа. „Со оваа награда, директоратот на Карловата награда сака да испрати сигнал дека еврејскиот живот е составен дел на Европа и дека во Европа не треба да има место за антисемитизам“, се наведува во образложението.
„Експлозија на антисемитизам“
„За жал, реалноста е токму спротивна“, вели Голдшмит во интервју за ДВ. „По 7 октомври, ние доживуваме експлозија на антисемитизам“. Терор на исламистичкиот Хамас против Израел резултираше со најголемото масовно убивање на Евреите по Холокаустот. Околу 1.200 луѓе беа убиени, илјадници беа ранети, а околу 240 беа киднапирани и однесени во Појасот Газа како заложници. Израел одговори со воена офанзива од големи размери во Газа.
Оттогаш, омразата кон Евреите расте во многу делови од светот. Еврејските родители, вели Голдшмит, почнаа да се плашат да ги испратат своите деца на училиште. Мажите Евреи, младите и децата се плашат да одат по улица со кипа на глава. Животот на Евреите почна често да се одвива под заштита на полицијата.
Антисемитизмот, според рабинот, „повторно стана општествено прифатлив и политички коректен“. Тоа мора да се промени, додава Голдшмит. Владите мора јасно да кажат дека не прифаќаат омраза кон Евреите - „ниту во училиштата, ниту на улиците, ниту во културата“. Сè додека се толерира отворената омраза кон Евреите, вели тој, „имаме сериозен проблем“. Кога Голдшмит вели „ние“, не мисли на Евреите исклучиво или примарно. За него се работи за иднината на Европа.
Ужасот на Аушвиц е дел од европската историја на семејството Голдшмит. Пинкас е роден во Цирих во 1963 година, бидејќи неговите баба и дедо, поради болеста на неговата баба, се преселиле од Виена во Швајцарија - токму навреме, во 1938 година. Неговиот прадедо и прабаба по мајка загинале во Аушвиц, како и нивните браќа и сестри , потоа сестрите и браќата на неговиот дедо, како и повеќе од 40 негови роднини, раскажува рабинот.
Бегство од Путиновата агресорска војна
Од 1993 до 2022 година Голдшмит беше главен рабин во Москва. Неколку дена по почетокот на руската агресорска војна во Украина во февруари 2022 година, тој избега од Русија, бидејќи Кремљ сакаше да ги принуди претставниците на сите вери да ја следат неговата линија. Од неговото заминување од Москва, повеќе од сто илјади Евреи ја напуштиле Русија, наведува рабинот. „Политичката ситуација во Русија станува сѐ потешка. Земјата се враќа во целосна изолација, во Советскиот Сојуз, само без комунизам. И антисемитизмот повторно стана дел од владината политика“, вели Голдшмит.
Оттогаш, тој и неговата сопруга, со која имаат седум деца и голем број внуци, живеат во Ерусалим, во земја која се промени од 7 октомври 2023 година. „Заминав од една војна и стигнав во друга“. А војната, вели рабинот, „е страшна, една од најстрашните работи што човештвото ги измислило“. Но, Израел, како и секоја земја, има право на самоодбрана, вели рабинот, додавајќи дека Израел во Газа не се бори против војска, туку против герилските сили.
Тој ја споменува и улогата на Иран во поддршката на Хамас и Хезболах, кои ЕУ ги класифицира како терористички организации. „Ова е голем час за Европа. Европа мора да се брани од овие напади. Тоа се напади врз демократијата и слободата кои од една страна доаѓаат од Русија и од Иран од друга страна“, вели Пинкас Голдшмит за ДВ.
Рабинот е полиглот и всушност е мајстор за дијалог. Тој е во контакт со многу водечки политичари. Често бил гостин и во германскиот канцеларски кабинет, а неколкупати го посетувал и папата Франциско. Откако стана претседател на Европската конференција на рабини, тој воспостави дијалог меѓу водечките рабински научници и муслиманските имами од европските и северноафриканските земји. Затоа порасна меѓусебната доверба, вели тој и додава дека тоа можеби не допирало често до медиумите, но е исклучително важно. Инаку, седиштето на Рабинската конференција сега е во Минхен, на југот на Германија.
Исламот и Европа
„Наместо да се борат против радикалниот ислам, тие се борат против исламот како религија. Тоа е голема, многу голема грешка“, вели Голдшмит. Мора да се бориме против радикалниот ислам, но во исто време е јасно и следново: „Исламот како таков може да стане вреден дел од Европа, доколку неговите верници и претставници активно ги живеат европските вредности, како што се слободата, демократијата и толеранцијата“.
Голдшмит вели дека е среќен поради Карловата награда. „За мене лично, но и за еврејската заедница во Европа, тоа е убав симбол, бидејќи сакаме да видиме поголема поддршка за еврејските заедници од страна на граѓанското општество. Тоа би било многу важно“, заклучува Пинкас Голдшмит во интервју за ДВ.