Историски договор за заштита на биодиверзитетот
19 декември 2022На конференцијата во Монтреал е договорена заштита на 30% од почвата и водата кои се сметаат за важни за биолошката разновидност до 2030 година.
Во салата во Монтреал одекна бурен аплауз откако беше соопштено дека е постигнат договор меѓу претставниците на владите од целиот свет по двонеделни преговори.
Во моментов, околу 17% од почвата и 10% од водените површини се заштитени.
„Никогаш досега на глобално ниво немало ваква заштитничка цел“, изјави Брајан О'Донел, директор на групата за конзервација Кампања за Природата.
„Ова ни дава шанса да ја заштитиме биолошката разновидност од пропаст... Сега добивме цел за која научниците сметаат дека може да направи разлика во биодиверзитетот“.
Еден милион видови пред исчезнување
Договорот предвидува и обезбедување на 200 милијарди долари за биодиверзитетот до 2030 година од различни извори. Во рамките на финансискиот пакет, сиромашните земји ќе добиваат најмалку 20 милијарди долари годишно до 2025 година, што е речиси двојно повеќе од досега. Таа сума треба да се зголеми на 30 милијарди долари годишно до 2030 година.
Министри и владини претставници од 190 земји се согласија дека заштитата на биолошката разновидност мора да биде приоритет, споредувајќи ја важноста на тие напори со оние за постигнување договор за климата.
Климатските промени во комбинација со загуба на живеалишта, загадувањето и развојот оставија тешки траги врз биолошката разновидност. Едно истражување од 2019 година предупредува дека на еден милион растителни и животински видови им се заканува исчезнување во тековната деценија. Луѓето редовно користат околу 50 илјади диви видови, а секој петти човек на планетата зависи од тие видови како извор на храна или приход.