1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите и денот потоа

21 февруари 2024

Изборите ќе поминат, но ќе остане важното прашање–ќе направиме ли пробив кон ЕУ, или пак ќе ги затвораме ќепенците дома, за да не видат колку сме се оддалечиле од онаму каде што сме тргнале. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/4cgaN
Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Знам дека за многумина може да звучи арогантно уште отсега да се анализира постизборниот период, кога сѐ уште ниту кандидатите за изборите се целосно познати, ниту изборната кампања е започната. Сепак, изгледа дека влегуваме во период на забрзано, а сепак, однапред детерминирано отплеткување на политичките процеси кои траат веќе подолго време, во кое, до изборите нема некаква голема неизвесност, со мали исклучоци. Оттаму, мислам дека вистински неизвесниот период може да биде само оној после изборите, кога можеме евентуално да очекуваме некакви политички промени, или позначајни поместувања на политичкиот амбиент.

До изборите, картите се веќе поделени. Останува само да се доигра партијата до крај. Долготрајното разочарување и фрустрации кај електоратот, што од имагинарните напади кон националниот мит, што од неиспорачани реформи и очекувања, што од „купувањето“ на упорната ксенофобична мантра на политичките елити, но можеби едноставно од замор на материјалот и губење трпение, сеедно, ќе кулминираат и ќе го најдат својот вентил. И кај македонскиот, и кај албанскиот електорат, доминира, повеќе или помалку, нагласено опозициско расположение. Тоа носи веројатност дека ќе има промени во двата блока. Кај македонските партии, овој амбиент ќе резултира со најверојатно драматична победа на опозицијата, додека во албанскиот блок, тој ќе се преточи во еден релативно изедначен резултат, кој секако е исклучително лоша вест за сегашната власт, која досега доминираше во тој политички пејзаж. 

Партиски комбинаторики 

Знаејќи го тоа, вистинското прашање е што треба да се очекува на кус рок после изборите, во смисла на партиски комбинаторики, како и што треба да се очекува како суштинска промена на политичките наративи на среден и подолг рок. Постизборниот период кој следува веднаш после изборите е полесен за предвидување, зашто за истиот веќе се појавија повеќе емпириски анализи, кои го цртаат, со високо ниво на точност, најверојатниот распоред на силите. Сепак, ѓаволот е во деталите, како и секогаш. Она што е релативно сигурно, е дека ВМРО ДПМНЕ ќе доминира во македонскиот дел од електоратот, особено на парламентарните избори, и ќе има пол-позиција за составување на новата влада.

Тука доаѓаме до првата интересна ситуација. ВМРО ДПМНЕ не крие дека за нив претпочитан партнер е албанската опозиција. Дополнително, сите емпириски анализи покажуваат дека во практично сите изборни сценарија, ВМРО ДПМНЕ и „ВРЕДИ“ (од „VLEN“- новото име за албанската опозиција, откако им се приклучи Таравари), ќе имаат доволно пратеници да состават влада,па дури и ако ДУИима некој пратеник повеќе од „ВРЕДИ’. Не верувам дека таа можност ќе ја испуштат. Сепак, како таа коалиција ќе функционира на среден и долг рок, имајќи го предвид Бадентеровото мнозинство и нивните различни позиции за ЕУ, тоа ќе биде вистинскиот предизвик. Дополнително, бројките истовремено говорат дека, барем теоретски, ВМРО ДПМНЕ и Левица заедно, нема да имаат доволно пратеници сами да состават влада, што, исто така, е еден политички интересен феномен, зашто остава најмалку математичка можност, останатите партии, кога би се составиле во една коалиција, да го имаат мнозинството во Собранието. Ова можеби не е толку важно за периодот веднаш после изборите, но секако е клучен податок на среден рок, бидејќи секогаш ќе „лебди во воздухот“ за времетраењето на новиот мандат. 

Две варијабли 

Оттаму, првите маневри на политичката сцена не сум сигурен дека ќе станат конечни, зашто сепак, ова е само првиот чин во  прераспределбата на политичките позиции.Тука постојат две главни варијабли – (1) дали очигледната  стратегија на ВМРО ДПМНЕ  и „ВРЕДИ“ да ја остават ДУИ во опозиција ќе остане само епизода, како онаа од 2006 – 2008, или сепак ќе значи посуштински нов распоред на силите во албанскиот блок; и (2) каква ќе биде нашата позиција за блокираните преговори со ЕУ, како најважен политички фактор за правецот во кој ќе се движи државата во следната деценија. Овие две варијабли се поврзани, и заедно ќе функционираат како спрега на сили во дефинирањето на новиот период на политичката сцена. 

Со други зборови, поместувањата на политичката сцена во моментот, сепак ќе бидат второстепени, и главниот правец во кој ќе се одвива вкупниот политички дискурс ќе биде детерминиран од односот на новата власт кон евроатлантските интеграции.После неизбежниот период на „меден месец“ – во кој сите ќе имаат високи очекувања и многу толеранција за новата влада – следува период во кој, ние како општество, но и власта, ќе мора да донесеме клучна стратегија vis-a-vis овој глобален и геостратешки параметар. Во моментов, расположението на електоратот е исклучително негативно кон нови напори за приближување кон ЕУ, чувствувајќи се изиграно дури и од Преспанската спогодба. Сепак, глобалните текови на политиката нема да се поместат или сменат, и ние неминовно, ќе дојдеме во „костец“ помеѓу нашите чувства, и светските безбедносни и геополитички текови. Вистинскиот предизвик за новата власт ќе дојде кога таа дискрепанца ќе стане очигледна - тогаш, нема веќе да можат да го ескивираат тоа прашање со предизборна реторика, зашто нема веќе да бидат опозиција. 

Со други зборови, изборите ќе поминат, но проблемите ќе останат, и новите министри, заедно со, најверојатно дотогаш веќе малку излижаните кожни фотелји, ќе ги наследат и купот папки со нерешени проблеми на бироата. Но уште повеќе, освен папките, за кои знаеме дека ќе ги расчистат ефикасно, во просторот ќе лебди и поважното прашање, кое не се решава на анкети или на колегиуми – ќе направиме ли пробив кон ЕУ, или повторно ќе ги затвораме ќепенците дома, за да не видат колку, во меѓувреме, сме се оддалечиле од онаму каде што сме тргнале?

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи