Ако ја погледнеме моменталната политичка атмосфера, особено кампањата која е во полн ек, неизбежен е заклучокот на разочарување. Истите ликови, со истите приказни, бараат нова поддршка – тешко ќе оди таа работа. Прашање е само, дали недостатокот на иновативност во кампањата, ќе се отслика и во постизборниот период како пролонгирана политичка криза на стари изветвени наративи, закопани во своите тесногради ровови, без вистинско чувство за потребата за натпартиски консензус или државотворен пробив.
Криза на политичката понуда
Македонија се соочува со криза на политичката понуда. Таа е евидентна по две оски: криза на понуда на кадар и криза на понуда на политичка содржина.
По првото прашање, ние имаме де факто реприза на претходните избори, што е најистакнато кај двајцата фаворити во трката за претседател на државата. Дополнително, кај поголемите партии, на челните места нема поголеми изненадувања – што значи дека партиите играат „на сигурно“, кандидирајќи ги своите челници на првите позиции на листите. Тоа укажува на фактот дека партиите не се многу заинтересирани во овој момент да понудат нови ликови – или ги немаат. Во секој случај, недостасува посериозно кадровско освежување, па со тоа и инфузија на нов пристап и енергија во политичката сцена во наредните четири години.
По второто прашање, ситуацијата е уште поздодевна. Најголем дел од партиите се посветени на комуникација самите со себеси и со нивните политички опоненти, наместо со гласачите. Метастазира негативната кампања, во која летаат пинг-понг обвинувања и напади, додека електоратот е сведен на позиција на нем воајер на приватната забава меѓу центрите за комуникација. Нема некоја посериозна новина во политичката понуда, ниту некој посериозен исчекор во смисла на нови идеи. За опозицијата, „промени“ е главната мантра, без некоја посериозна идеја што стои зад тој слоган. За власта, сѐ уште, главниот доминантен наратив е стравот од промените кои ги носи промената на власта – и главната мантра е „да не го изгубиме она што сме го постигнале досега“. Ако низ оваа призма ги гледаме политичките понуди, очигледно е дека нема ништо ново во главните доктрини на политичкиот дискурс во предизборието.
Политички амбиент ќе се претвори во нов жабарник?
Клучното прашање е, дали овој статус кво ќе продолжи и после изборите? Имајќи предвид дека еден од основните политички предизвици веднаш после изборите ќе бидат уставните измени и откочувањето на интеграциите кон ЕУ, дилемата е дали таа политичка оска може да биде повод за катарза и нов исчекор во градење на некаков национален, натпартиски консензус за иднината. Пораките во кампањата не влеваат голема надеж дека пробив е можен. Ако македонската политичка сцена остане на овие позиции, а партиите останат на истите ставови од кампањата, нашиот политички амбиент ќе се претвори во нов жабарник, долгорочно заглавен во антагонизмот помеѓу идеологиите, етникумите и нациите, без некаква посериозна шанса за суштински напредок. Проблемот, се разбира, е што времето е исклучително кусо, зашто веднаш после изборите, следуваат избори за ЕУ-парламент, кон крајот на годината избори во САД, а кај нас локални избори следната година. Ако партиите останат на тоа државните предизвици да ги перципираат низ призма на изборната оптика, не треба да очекуваме ништо друго освен продолжување на истите приказни, уште повеќе закопани во партиски инает и непопустливост.
Ако на тоа ја додадеме можноста за институционална криза, работите стануваат уште покомплицирани. Политичка и институционална криза е, и тоа како, возможна, ако не успееме да го постигнеме цензусот за избор на шеф на државата во вториот круг. Имено, во вториот круг претседателски избори, цензусот е без малку невозможно да се постигне без албански гласови. Албанските партии, секоја на свој начин, порачаа дека за нив, најдобро е претседател да се избира во Собранието. Македонските партии, секоја на свој начин, тој предлог уредно го одбија. Притоа, во вториот круг, најверојатно ќе влезат само македонски кандидати. Оттаму, не гледам поголема мотивација за албанските гласачи да излезат да гласаат за претседател во вториот круг, без оглед на можните повици од албанските партии заради некаков политички договор со нивните идни можни коалициски партнери.
Закана од долготрајна криза
Доколку цензусот не се постигне, и не успееме да избереме претседател во вториот круг, влегуваме во вител на долготрајна политичка криза, каде се отвораат секакви амбиции поврзани со уставните измени, каде секој ќе дојде со свои барања. Едни за 20%, други за избор на претседател, трети за вметнување на Бугарите во Уставот, и така натаму. Ако тоа се случи, ние толку ќе ја „задебелиме“ политичката сметка на отворање на Уставот, што ќе стане практично невозможно да се преговара на таа тема.
На крајот, се наметнува заклучокот дека за напластените проблеми е потребен нов пристап, можеби од сите политички субјекти, за цената за нужните, а болни, реформи, да се распредели подеднакво кај сите политички субјекти, а хоризонтот на овие коренити промени да не завршува зад првиот мандат. Се сомневам дека, сепак, партиските интереси ќе победат, и дека ќе почекаме додека политичките елити бидат подготвени за заеднички пристап – зашто тоа би значело да престанат да зборуваат за тоа кој колку згрешил, и да почнат да работат на тоа кој колку може да придонесе. Тешка работа.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.