Идниот мандатар Христијан Мицкоски не отстапува од намерата по стапувањето на власт да ги распушти актуелните состави на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. „Судиите нека си изберат самите 13 нови членови на Судскиот совет“, вели тој. Планот е да има собраниска комисија што ќе прави надзор на работењето, а во комисија ќе има претставници и од власта и од опозицијата. „Немам намера да се мешам“, вели идниот премиер.
Точно такви изјави слушавме и досега од клучните носители на власта. Поранешниот премиер Зоран Заев велеше „нема да се мешам во судството и нема да интервенирам. Има црвени линии во можните интервенции и не сакам да се мешам во судската власт“. И министерот за правда во тоа време, Бојан Маричиќ, велеше „дека извршната власт нема да се меша ниту во судската власт ниту во Обвинителството, туку само ќе набљудува“. Во судството велеше дека не се меша и премиерот Димитар Ковачевски: „Јас како премиер и владата ниту сме се мешале, ниту ќе се мешаме во судската власт, односно во судството со оглед на тоа дека судството и правосудството не се место за политичка борба и политички натпревар“.
Еден поранешен министер за правда, Михајло Маневски, дури даде и изјава дека „за првпат по 17 години судството се крена на нозе“. Изјавата е од пред 15 години (од 2009) но заслужува внимание затоа што ако се гледа сегашната состојба, судството или тогаш било одлично па сега паднало, или изјавата не била реален приказ на состојбите. И премиерот во тоа време Никола Груевски не штедеше зборови да ја поддржи независноста на судството.
„Еден од приоритетите на системот треба да биде создавањето на квалитетен кадар во судството и обвинителство кој ќе поседува интегритет и самосвест за достојно и ефикасно извршување на својата функција. Со тоа ќе претставува вистински чувар на правната сигурност на граѓаните целосно ставајќи се на страна на правото и доследно спроведувајќи го начелото на законитост и слободно судиско убедување“, рече тој при едно гостување во Академијата за судии и обвинители.
Тајното гласање не е без влијанија
Но и по сите тие силни изјави резултатот што го имаме денес е политички строено судство. Овој краток времеплов покажува дека ниту една од властите кои досега управуваа со Македонија, вербално не ги доведуваа во прашање принципите на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, односно сите покажуваа висока свест за потребата судството да биде самостојно, меѓутоа во пракса се однесуваа поинаку. Или, секој што ќе дојдеше на власт му плетеше на судството партиска капа.
Така и сега е тешко да се поверува во добрите намери на идниот шеф на владата Христијан Мицкоски. Тој вели дека судиите сами ќе си изберат нов Судски совет. Ама, и обвинителите самите избираа главен обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, па погодете кој ја освои премијата? Човекот од Зајас, близок до ДУИ. Тоа покрена многу прашања за интегритетот на процесот на избор на обвинителот, а некои амбасади во земјава негодуваа што после потрошените милиони долари на обуки на обвинители во правосудниот систем на Македонија, се случиле такви „збунувачки“ резултати од тајното гласање. Ислам Абази, кој беше избран на тајниот избор, исчезна од јавноста, та дури и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска јавно даде изјава дека е недопустливо шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да не се појавува во јавноста и да не кажува што работи ова Обвинителство.
Лоши вести од Уставниот суд
Тоа е само една секвенца која кажува дека постојните механизми за гарантирање независност на судската власт не ја прават отпорна на политички влијанија, туку напротив ја прават подложна до таа мера што и тајното гласање завршува по желба на партиите. Затоа и на намерата на Мицкоски да почне реформи во правосудството се гледа како нов обид за партиско диригирање со оваа област. Или накусо кажано – партиските тефтери како повторно да му се закануваат на судството. Мачниот избор на претседател на Уставниот суд не дава право за оптимизам дека политичките влијанија ќе ги снема со новата власт. Можеби е случајност, но новиот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски бил предложен за уставен судија токму од поранешниот претседател Ѓорге Иванов кој пак од ВМРО-ДПМНЕ беше предложен и избран за највисоката функција. Погледот врз биографиите на уставните судии, па и тие што беа во игра за претседател, говори дека претседателската позиција во Уставниот суд ја добил кандидатот со најслаба биографија, односно не ја добил ни најдобриот ниту најискусниот, ниту правно најпоткованиот уставен судија.
Оттука, ако се суди според изборот на претседател на Уставниот суд, партиските влијанија нема да престанат туку само ќе добијат ново име и презиме. Да потсетиме, Уставниот суд одлучува за законитост и за уставност на донесените закони. Овој суд е основата на правниот систем во државата и ако проработи партиската капа над него, тоа ќе биде катастрофално за угледот на идната власт, чиј успех и способност ќе се мери и според тоа дали ќе ја прекине спиралата на политичка влијанија врз судството.
Во тој контекст треба да се гледа и на потегот на министерот за правда во заминување, Кренар Лога, кој деновиве алармира за намерите на идниот премиер. Точно е дека Лога како министер се закануваше дека ќе го распушти Судскиот совет чие работење се памети по скандалите и по личните интереси, но важно е да се разбере дека најавата за распуштање која доаѓа од политичка партија што се спрема да стапи на власт, е посериозна опасност за и без тоа уништеното судство.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.