Иако изгледа дека работите се навидум исти по двонеделната расправа околу разрешувањето на министрите и именувањето на нови членови на Владата – бескрајни дискусии на опозицијата за да се одложи процесот – тие во никој случај не се какви што беа. Сцената е поставена за последната година од мандатот на кабинетот на Димитар Ковачевски, за претседателските избори, за парламентарните избори и за она што е постојана топ-тема: гласањето за уставните измени.
Ковачевски изјави дека со влегувањето на Алијансата за Албанците во владините структури таму ќе има нова енергија и тој не е далеку од вистината. Никој не би можел да каже како ќе функционира Владата кога новите министри ќе ги заземат позициите, но работите веројатно ќе добијат нова акцелерација. Дали тоа ќе биде доволно да се намали разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во анкетите ќе мора да се причека неколку месеци.
Какви се улогите на актерите на оваа новопоставена сцена?
Една реченица на Димитар Ковачевски за време на пратеничките прашања помина речиси незабележана во јавноста. Премиерот изјави дека по собраниската потврда на новото мнозинство работите околу изборите нема да се одвиваат онака како што беа земани здраво за готово во општествената и политичката дебата. Ковачевски објави дека во април догодина ќе се одржат претседателските избори, а во јули, кога е регуларниот термин, парламентарните. Што значи дека нема да има спојување на двете гласања во вториот круг од изборот на претседател.
Тоа значи дека власта се подготвува да го употреби францускиот модел на изборите. Французите вообичаено во април на секои пет години избираат претседател на републиката, а потоа за два месеци се одржуваат и парламентарните избори, кои треба да му овозможат на шефот на државата да може да владее со мнозинство во законодавниот дом.
Ова преместување на нештата на сцената ја најави пред десетина дена во својот текст за Дојче веле поранешниот висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров. Наведувајќи дека ако се оствари ваквото сценарио тоа ќе биде „свилен гајтан“ за неговата партија од која беше исклучен во 2018.
Нема што да додадеме на неговото политичко предвидување, па затоа ќе пренесеме еден дел од него: „СДСМ и ДУИ, а сега и Алијанса, може да се договорат најпрво да организираат претседателски избори, а потоа, откако евентуално би победил нивниот заеднички кандидат за претседател, да одат како победници на следните редовни парламентарни избори. Тактиката во случајов е да формираат предизборна коалиција и сите да застанат зад заеднички претседателски кандидат, кој во првиот круг би се спротивставил на кандидатот на ВМРО, но и на извесните кандидати на Левица, можеби и на БЕСА и на некој од здружените помали политички субјекти. Тоа би значело дека во вториот круг би оделе кандидатот на здружената власт, против кандидатот на некомпактната опозиција, што би ја поставило власта во пол позиција, со значително поголеми шанси за победа во вториот круг. Ова е многу важно, затоа што партијата која ќе победи на претседателските избори, многу веројатно е дека ќе победи и на следните парламентарни избори... Во една ваква хипотетичка ситуација, со победа на претседателските избори, власта, доколку одлучи да оди на парламентарните избори со македонско-албанска предизборна коалиција, потпомогната од позитивниот бран од евентуална победа на претседателските избори, може, неочекувано, и целосно незаслужено, повторно да биде поставена во пол позиција и за следните редовни парламентарни избори“, напиша Тодоров.
Бомба што не беше бомба
Премиерот во четвртокот (22.02) ја потврди оваа анализа на Тодоров. Доколку до есен остане овој план, што беше најавен, тоа ќе биде сосема нова политичка битка.Она што го кажа вицепремиерот Артан Груби во интервјуто за Канал 5 подоцна во четвртокот повеќе беше да се види каде ќе трча зајакот кога ќе биде избркан од грмушките и неговата патека беше онаква каква што се предвидуваше. Груби рече: „Еве понуда во живо. Знам дека и премиерот и лидер на СДСМ, Ковачевски, и господинот Ахмети, ќе се сложат со ова: да одиме на седница на Собрание со две точки на дневен ред. Прва точка - уставни измени, а втора точка - распуштање на Собранието и предвремени избори. Бујрум, нека влезат, нека гласаат за уставни измени и одиме на избори. Еве, ова нека биде компромис на средина“.
Ова изгледаше како бомбастичен политички предлог, но во него немаше ништо повеќе отколку политичка итрина. На една седница на Собранието со две точки не можат да се направат уставните измени. Тоа е процес кој трае три, четири, пет месеци. Има три фази. Во првата потребно е гласање од две третини во Собранието, во втората, 61, во третата пак две третини. Во меѓувреме треба да се формулира како ќе изгледа уставната измена за внесување на Бугарите, а и некои други малцинства во уставот, да се спроведе јавна расправа. И идната недела ВМРО-ДПМНЕ да го прифати овој предлог целата процедура би завршила наесен, па сто дена техничка влада и до избори би се стигнало најрано во февруари догодина.
Од ВМРО-ДПМНЕ побрзаа да извикаат како боцнати со остен – „Груби, исто како и Ковачевски, нема мандат да турка уставни измени без да биде прашан народот на избори. И тука нивната позиција - прво уставни измени, па избори - значи пропаѓање на сите нивни лаги дека имале мнозинство за уставните измени, што значи дека по повеќе месеци континуирани манипулации се распрснува како меур сапуница лагата дека тие само што не се изгласале“. Па уште ќе додадат дека „за нив повеќе не важи правилото за коалицирање победник со победник“. Тоа за СДСМ може и да биде добро, па дури и да ги изгуби изборите можеби ќе има шанса со албанскиот блок со кој ќе оди на претседателските избори да обезбеди мнозинство во Собранието и да му остави на ВМРО-ДПМНЕ и наредните четири години секој ден да бара предвремени избори.
Ова е во областа на хипотетиката. Што може да се случи во поблиска иднина, и тоа онаа најблиската, в понеделник? Тогаш во Брисел треба да се сретнат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти. Според најавите од претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак, а и и од други функционери на Унијата, Вучиќ и Курти треба да го прифатат европскиот предлог, што е конечна варијанта на француско-германскиот предлог со кој ќе стартува неговата имплементација и во чија срж, иако не се споменува директно, е признавањето на Белград на независноста на Косово. Доколку се случи тоа, ситуацијата во регионот веќе нема да биде иста како последниве 25 години. Вучиќ ќе мора да најде начин да го „продаде“ договорот во Србија. И доколку се случи тоа и се одблокираат запрените преговори на Србија со ЕУ, ќе остане само уште една точка која треба да се реши во Западен Балкан – уставните измени во Македонија за регионот да ги отстрани сите формални пречки за побрз напредок во пристапувањето кон ЕУ.
Ограничен простор за маневар
Сигурно дека во Скопје нема да доаѓа европската квинта плус Габриел Ескобар од САД да ги убедуваат претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, но притисокот од којзнае колку атмосфери врз вмровските првенци ќе биде толку голем што не се знае каде ќе пукне гумата. Во ВМРО-ДПМНЕ потајно можеби би сакале Вучиќ и Курти да не го прифатат француско-германскиот предлог за да не останат сами на ветрометина како главни кочничари на заедничката европска иднина на регионот, но работите се комплетно надвор од нивната моќ. Тие не се поврзани со соопштенија штанцани на гештетнер, ниту со пратенички дискусии научени напамет. Тогаш ќе мора да се донесе одлука за поддршка или да се остане целосно екскомунициран во меѓународната јавност.
Христијан Мицкоски е политички писмен човек и јасно му е со какви проблеми може да се соочи. Во еден момент тој треба да донесе одлука по сите ескивирања како со референдумот и пописот, поради што 150 илјади Македонци дома не се попишаа, а уште стотици и стотици илјади во дијаспората.
Неговиот простор за маневар во таква ситуација би бил многу ограничен. Уште поограничен би бил доколку Владата одлучи - и покрај сите јавни вмровски изјави дека во парламентот нема двотретинско мнозинство за уставните измени - да го стави предлогот за вметнувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во собраниска процедура. Јасно е дека на ВМРО-ДПМНЕ најмногу му одговора прашањето на уставните измени воопшто да не дојде во парламентот. Тогаш ќе може да каже дека Владата сфатила оти нема двотретинско мнозинство. Но ако предлогот стигне до Собранието, тие ќе бидат приморани вистински да се изјаснат и да донесат одлука. Дали ќе останат сами во еден ќош на сцената заедно со двајцата пратеници на Левица, а другиот, многу поголем дел, ќе биде пополнет од оние што се претставуваат како европски граѓани на Македонија? Не е тешко да се претпостави дека целиот јавен дискурс ќе биде дизајниран на два пола – едниот што е за Европа, а другиот против неа. Ако дотогаш Вучиќ почне да ги жнее „плодовите“ од голтањето на краставата жаба со де факто признавањето на Косово, на ВМРО-ДПМНЕ ќе му остане само еден „побратим“ во регионот – Милорад Додик. Секако, тоа ќе биде неподнослива позиција за партијата, без оглед дали таа во меѓувреме ќе ветува дека ќе ги усвои уставните измени ако победи на изборите. Само прашање е дали тогаш навистина ќе победи на изборите, и ако победи, дали ќе може да формира влада.
Пропагандната приказна на партиите од власта дека Мицкоски е заложник на Димитар Апасиев и Левица тогаш ќе достигне највисоки децибели. А вмровскиот лидер ќе мора да бара решение кое сега не го гледа. За да го префрли тежиштето на ваквата артилериска канонада, што веќе неколку месеци се еманира од владините партии, ВМРО-ДПМНЕ ја прифати експликацијата на „огнената група“ од ДУИ дека Артан Груби е најголемиот проблем во оваа држава. Веќе нема никаква разлика меѓу она што го зборуваат Изет Меџити и компањоните и вмровските функционери и пратеници. Така, веќе е создадена една необјавена коалиција. Дали некој во вмровскиот штаб ја направил расписката колку добиваат, а колку губат во прифаќањето на „огнената“ реторика е прашање на кое тешко може да се даде одговор.
- повеќе од авторот: Една година од битката меѓу Давид и Голијат
Во ова разместување на работите и актерите на сцената некнежната жестока реторика на премиерот на пратеничките прашања додаде нов фил при правењето на тортата. Димитар Ковачевски изгледа дека не е политичкиот противник со кој тие лесно се снаоѓаат во бескрајните тиради за криминал и неспособност на власта. Кога лани во септември Драган Ковачки го обвини Ковачевски дека лажирал оти е трајно неспособен за да не оди во војска, а со тоа и да не ја брани Македонија во 2001, дека тој е закана за НАТО и дека „таквите лица треба да се на друго место, а не во Владата“, одговорот на премиерот беше пожесток од тежината на тие обвинувања. Ковачевски тогаш ги нарече вмровските пратеници „арамии, криминалци, неработници, насилници, кодоши“, а за самиот Ковачки упати разорни епитети: „Движечка мизерија и дезертерски кодош“, велејќи дека работел за странски и домашни разузнувачки структури. „Тој е мизерија. Беда. Срамота... Мислам дека за него итно е потребна конзилијарна медицинска проверка“.
- повеќе од авторот: Две анкети во облак од темјан
Во четвртокот, кога Миле Лефков грмеше од собраниската говорница обвинувајќи го Ковачевски за комплетна неспособност и дека е пион на Артан Груби, одговорот на премиерот беше брутален, во голема мерка и неочекуван. Тој му порача на Лефков дека негови „идеолошки татковци се Зоран Заев, Владо Бучковски и Радмила Шекеринска, затоа што ти тогаш беше член на СДСМ. А сега изигруваш глупи Август“ во обидот да се прикаже голем вмровец. И уште во шаховски речник додаде дека „пионот може да стане кралица, но коњот секогаш останува коњ“. Оваа тирада на Ковачевски, како и онаа во септември, покажа дека неговите политички ривали ќе мора да се навикнуваат на противник кој вербално ќе оди на самиот раб. И ќе зборува без политички пардон.
Хрониките за циркусите велат дека комичната фигура Август била измислена во 1874 во една берлинска циркуска група за да ја забавува публиката. Нешто како кловн со огромни панталони и преголеми чевли. Во децениите што следуваа појавата на Август, која Германците ја нарека Dummer August, се менуваше, но приказната го следеше основниот наратив – човек кој што треба да ја забавува публиката со своите „глупости“.
Некои од овие улоги што ги наведе Димитар Ковачевски ќе бидат распределени на крајот од партијата во која кралицата е персонификација на уставните измени. Како ќе заврши партијата и со кои фигури ќе дознаеме подоцна во годината, можеби на почетокот од летото. Ќе биде интересно од една страна, но и суштинско за Македонија, од друга.