1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

ДТЗ
3 мај 2024

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите - 3 Мај служи како потсетник за ризиците со кои се соочуваат новинарите во потрагата по вистината во име на граѓаните.

https://p.dw.com/p/4fQW9
новинар
Новинарите слабо платени и небезбедни, алармираат дека се мета на закани и насилствоФотографија: Mihajlo Maricic/PantherMedia/IMAGO/ Mihajlo Maricic

Новинарите го пречекуваат 3 Мај - Светскиот ден на медиумите со плати пониски од просечната, со небезбедни услови за работа, а алармираат и дека често се мета на заплашување и насилство. 

Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Павле Беловски вели дека новинарите се соочуваат со многу проблеми, но дека со сплотеност и храброст може да се надминат.

„Кога зборуваме за слободата на говор не треба да заборавиме дека слободата на медиумите се темели на здраво работно место и слобода на изразување. Оттука треба да си го поставиме прашањето дали ние работиме во такви услови?  За да одговориме на ова прашање треба да констатираме дека 70 проценти од вработените или над 2.000 медиумски работници се со плати под просекот во државата и ист толкав број сакаат да ја напуштат оваа професија. Воедно над 100 наши колеги го загубиле животот во светот, затоа треба да се солидаризираме и денеска со оваа крводарителска акција да покажеме дека се грижиме за демократијата и преку нашата работа градиме подобри општества“, рече вчера (2 мај, 2024), спроти Светскиот ден на медиумите, Беловски.

Заплашување и насилство

Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинари на Макеоднија (ЗНМ) порача дека новинарите се уште работат во небезбедни услови и се предмет на заплашување и насилство.

„Па така, 3 Мај служи како потсетник за ризиците со кои се соочуваат новинарите во потрагата по вистината во име на граѓаните. Слободата на медиумите е многу често поврзана со правото на пристап на информации, а овој ден се залага за слободата на информациите како основно човеково право клучно за информирано општество и за носење одлуки за функционирањето на една демократија. Мали чекори во подобрувањето не се секогаш доволни и може да се направи многу повеќе посебно во период како изборниот во кој се наоѓа нашата земја“, вели Секуловски.

По повод Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај се одржа крводарителската акција во четири градови низ државата.