Забраната за работна недела носи бран откази?
5 јули 2021Работниците се радуваат, стопанствениците негодуваат. Законските измени со кои работата во недела се забранува, односно се наметнува обврска за дополнително плаќање за ангажманот на работната сила онаму каде што таа е суштински потребна, ги зоврива страстите. Законските измени стапуваат во сила од 1 октомври оваа година, но како се наближува тајмингот, така расте притисокот врз власта тоа да не се случи.
Предупредување за откази
Како последно, Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија објави анкета на своите членки во која се предупредува дека стартот на оваа обврска ќе значи и намалување на обемот на работа, но и бран отпуштања. Алармантно звучи податокот дека дури 47 проценти од германските компании во земјава изјавиле дека ќе го намалат бројот на вработените за 10 проценти, седум проценти ќе го намалат бројот на вработени за 20 отсто, додека седум отсто од анкетираните компании ќе го намалат бројот на вработени за дури 30 проценти.
Станува збор за производствени компании кои работат во автомобилската индустрија и вработуваат повеќе од 20.000 луѓе во земјата. Најголемиот дел од нив работат во три или четири смени, седум дена во неделата и поради сложените технолошки процеси не го прекинуваат производството во текот на целата година.
Повеќе:
Од 1 октомври – недела неработен ден за сите
Ден за одмор - се крчкаат ригорозни казни за работа во недела
Барање за одложена примена
Доколку се прекине производството во недела, 60 проценти од овие фирми ќе имаат проблеми со доцнења во испораката, а дури 40 отсто од компаниите предупредуваат дека ќе плаќаат и пенали поради ваквите состојби. Во вакви услови, клучно според стопанствениците, е примената на предлог законот да се одложи за да се добие во време за прилагодување и долгорочно планирање.
Нешто повеќе од една третина, или 36% од компаниите, сметаат дека две години би биле доволен период да се подготват на новиот начин на работење. Останатите 64% пак предупредуваат дека би им требале три години за стабилизација по кризата и долгорочно планирање. Како дел од аргументите против, производствените компании ги наведуваат и несаканите ефекти од типот на зголемување на трошоците за увоз на репроматеријалите, но и поттикнување на нелојалната конкуренција и сивата економија.
Владата не се предомислува
Германските компании не се единствените кои реагираат и предупредуваат на несакани ефекти од законското решение. Гласот против неодамна го кренаа и домашните стопанственици, посебно оние од градежниот сектор, преработувачката индустрија и услужните дејности. Ваквата состојба наметнува дилеми од типот, одложување или спроведување, попуштање или строго придржување до законскиот тајминг. Во Владата го слушаат гласниот аларм на стопанствениците, но засега не отстапуваат од законското решение. Конкретно околу барањата за одложување не коментираат ништо, односно не покажуваат сигнали на подготвеност за промени:
„На Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, а со кој се регулира денот недела да биде ден за неделен одмор, претходеше неколкумесечна дискусија во која беа вклучени претставници на сите засегнати страни во општеството и од страната на работодавачите и на работниците, со цел да се слушне мислењето и ставовите на сите страни. Притоа, беа одржани и шест седници на Економско-социјалниот совет, каде што можност да дебатираат имаа претставници и на реперезентативните и на нерепрезентативните синдикати, Организацијата на работодавачи. Од овие дебати произлезе дека неделата ќе биде ден на неделен одмор за сите, освен за оние дејности каде работниот процес не може да биде запрен. Во текот на широката јавна дебата, беа земени предвид аргументите на работодавачите во делот на потребата во недела да продолжат да работат трговските центри (молови). Во таа насока беше прифатено тие да работат во недела, за што се подготвија и измени во Законот за трговија.“, велат за Дојче веле од Министерството за труд и социјална политика.
Критичен период
Законските измени се случуваат во период кога македонската економија почна да покажува какви такви знаци на опоравување од ударот на пандемијата. По длабоката рецесија, сигналите, посебно во делот на производството и извозот, се охрабрувачки. Во вакви услови дилемата е дали можеби се избрзува и се прави грешка со едно вакво решение во ваков чувствителен период? Дел од упатените коментираат дека треба да се внимава и да се размисли добро за дефинитивните чекори:
„Нема дилеми дека законски треба и мора да се утврди работата во недела и празници. Тоа треба и досега да е така, ама кај нас има многу дејности каде тоа не се почитува. Проблемот е кај работодавачите, свеста на работниците, но и контролата од страна на државата. Затоа ваквото решение е неопходно. Но дали треба да се примени сега, односно од 1 октомври, можеби е дилема, пред сѐ заради кризата која ја наметнува оваа пандемија. Би рекол дека Владата е помеѓу чеканот и наковалната. Мора да се подобри и заштити статусот на работниците, но сепак треба и добро да се размисли да не се загуби долгорочно во делот на вработувања, инвестиции“, коментира за Дојче веле еден од универзитетските професори од оваа област.
Привремени субвенции
Во вакви услови, според него, треба да се размисли и за одредени времени олеснувања:
„Законската обврска не мора да се одложува, но на пример може да се интервенира во одреден временски приод на прилагодување во делот на давачките. Да им се излезе во пресрет на компаниите со времено решение, на пример со субвенционирање или ослободување од давачките по овој основ за да се преброди тој период на прилагодување. Е, сега, дали тоа треба да биде две или три години како што слушаме дека бараат некои од компаниите, не сум сигурен. Инаку, лично сметам дека и овој период на прилагодување до есен е доволен. Но дали за сите дејности, тоа е дилемата“, смета професорот.
Повеќе:
СЗО: Со премногу работа се заработува – смртоносна болест
Работа во недела? Во ни(се)кој случај!
Да не се попушта
Оние, пак, коишто со нетрпение го очекуваат законското решение и ставањето ред во оваа област не гледаат никаков простор да се попушти:
„Неработна недела е цивилизациска придобивка и на неа мора да се инсистира. Владата веќе и премногу ја разводни работата со неработната недела овозможувајќи голем број на сектори да работат во недела, така што на таа разводнета идеја, ако се дозволи да се презакаже односно одложи примената, тогаш тоа ќе значи дека де факто таа нема ни да се спроведе. Капиталистите секогаш си ги штитат профитите и нормално е дека ако работат во недела нивните профити ќе се зголемат, но математиката не е и не смее да биде само профитите на капиталистите. Затоа, нема никаква основа за одложено важење на овој закон. Рокот што Владата им го остава на фирмите е доволен за тие да се прилагодат“, коментира за ДВ Здравко Савески, активист за социјални и работнички права.
Предупредувањата за откази и загуби на компаниите, според него, повеќе се блеф отколку реална грижа за состојбите, посебно за правата на работниците:
„Секој капиталист, било тој да е кај нас или во која било друга земја, секаде кога се воведувале одредени рестрикции во корист на работниците, секогаш главниот аргумент бил не дека ќе им се намалат нивните профити, туку играње на ПР стратегијата од типот 'ние многу се грижиме за нашите работници да не бидат отпуштени'. Тие остваруваат огромни профити и би можеле малку да ги намалат и сѐ ќе биде во ред, па и тука кај нас“, укажува Савески.
Стара иницијатива за нови права
За иницијативата за прогласување на недела за неработен ден се разговара веќе неколку години. Решението стапува во сила дури три години по официјализирањето на барањето од страна на Сојузот на синдикатите во 2018 година. Согласно Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, оние работници кои ќе работат во недела ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50 проценти од редовната и слободен ден, кој ќе може да го користат, во текот на следните 7 дена.
Во делот пак на трговските центри се предвидува тие да работат во недела во една смена, односно од 10-18 часот, додека дневницата на работниците за работа во недела да биде за 100% повисока од редовната. Министерството за економија соопшти дека за трговските субјекти кои ќе работат во недела ќе се утврди надоместок во висина од 2% од вкупниот приход кој што бил остварен во годината претходно во периодот на недела и празници. Овие средства ќе се употребеле за инвестиции во детски градинки.