Се појави и втор свиркач против Трамп
7 октомври 2019Адвокатот Марк Заид, кој ги претставува двајцата свиркачи, изјави дека второто лице веќе разговарало со внатрешните контролни органи на разузнавачката заедница и може да понуди информации од прва рака за случајот кој предизвика скандал во САД.
Според досега познатите информации, Доналд Трамп барал од украинскиот претседател да отвори истрага против потенцијалниот кандидат за претседател на Демократите и поранешен потпретседател на САД, Џо Бајден. Новиот свиркач исто така работи во разузнавачката служба и има знаење од прва рака за случајот, рече Заид.
Појавата на вториот свиркач се заканува да ги урне аргументите на Трамп и неговите сојузници кои се обидуваа да го дискредитираат првичното сведочење. Тие тврдат дека обвинувањата се политички мотивирани, а за сведочењето на првиот свиркач тврдат дека е од втора или трета рака.
Транскриптот од разговорот на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленскиј кој го објави Белата Куќа веќе ги потврди наводите на првиот сведок дека Трамп вршел притисок врз Украина да отвори истрага против Бајден. Притисокот се случил и покрај тврдењето на украинските власти дека нема никакви докази за нерегуларности во улогата на синот на Бајден, Хантер во една украинска фирма.
Текстуални пораки од Стејт департментот откриваат дека на Украинците им била ветувана посета од Трамп доколку отворат истрага против Бајден.
Истражната комисија на американскиот Конгрес веќе се насочи кон Стејт департментот во отворањето на постапката за отповикување на Трамп. Беше сослушан Курт Вокер, поранешниот специјален пратеник во Украина кој ги приложи текстуалните пораки како доказ. Уште најмалку двајца други високи функционери ќе сведочат неделава.
Трамп и неговите поддржувачи засега ги отфрлаат обвинувањата и тврдат дека претседателот е жртва на политичка местенка. Самиот Трамп во текот на целиот викенд твиташе во одбрана на својата позиција наместо, како што вообичаено прави, да замине на голф во блиската Вирџинија.
Во меѓувреме се испитува и дали Трамп дал наредба да се задржи воената помош во вредност од 400 милиони долари се додека Киев не се согласи на неговото барање.